105 години од смртта на Миле Поп Јорданов
По повод одбележувањето на 105 години од смртта на истакнатиот македонски револуционер Миле Поп Јорданов, делегација на Општина Велес положи букет цвеќе на гробот на Поп Јорданов. Миле Поп Јорданов (1877-1901) остана запишан во македонската историја како револуционер, член на ТМРО и учител школуван во Духовната семинарија во Цариград. Потекнува од семејство на револуционери и претставници на македонската авангарда. Негови браќа се гемиџијата Јордан Поп Јорданов - Орцето и Петар Поп Јорданов.
Како член на револуционерната организација, дејствувал во реонската чета во Радовишко. Миле Поп Јорданов загинал во 1901–та година во близина на Велес. При заседа за да не падне жив во рацете на непријателот, Поп Јорданов се самоубива. Неговата трагична смрт е опеана во народната песна „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ која е официјална химна на градот Велес.