Велешката гимназија постои век и половина

Стеванка Богоевска, директор на гимназијата Кочо РацинСо свечена академија на која присуствуваа истакнати личности од општествениот живот во Велес, гимназијата „Кочо Рацин“ одбележа 150 години постоење. На свечената академија што по повод големиот јубилеј се одржа во големата сала на Општина Велес искрени честитки до сите генерации ученици и наставници во гимназијата, упати градоначалникот Аце Коцевски.

„Горд сум, што токму Велешката гимназија е првиот извор на интелектуалниот растеж на Македонија и трајна вредност на генерациите што го идентификува патот на македонското средно образование. Во неа се вкрстува македонскиот дух со  генерациите најуспешни студенти, иноватори, интелектуалци кои со својот интелект ја освојуваат Македонија и светот“, рече меѓу другото Коцевски.

Во име на гимназијата „Кочо Рацин“, присутните ги поздрави директорката Стеванка Богоевска која потенцираше дека одбележувањето на јубилејот претставува задоволство и  гордост за сите генерации ученици и наставници. „Идните генерации треба да ги имаат сите досегашни резултати како патоказ за уште поголеми успеси“, рече Богоевска нагласувајќи го креативното учење и примената на најсовремени методи за настава како предност на гимназијата денес.

По повод големиот јубилеј, телеграма со честитки до градоначалникот, Советот на Општината и гимназијата „Кочо Рацин“ упати Претседателот Бранко Црвенковски. „ Град со богата традиција, образовна, историска, културна и уметничка, Велес со право може да се гордее со своето минато, сегашност и иднина. Искрено честитајќи Ви го јубилејот ви посакувам успешна и продуктивна работа во иднина“ стои меѓу другото во телеграмата. Свечената академија по повод јубилејот беше збогатена со пригодна културно-уметничка програма.

културно-уметничка програмаПрисутни гости


Во велешката гимназија низ историјата се образуваа плејада истакнати велешани и Македонци меѓу кои: Рајко Жинзифов, Петар Поп Арсов, Коле Неделковски, Кочо Рацин, Васил Главинов, Ганчо Хаџи – Панзов, Никола Стојановски, Боро Мокров, Данчо Зографски, Благојка Демниева, Благој Кирков, Ѓоре Органџиев, Јовче Тесличков и многу други.