Актерска награда за животно дело „Петре Прличко“
Добитник на актерската наградата за животно дело „Петре Прличко“ годинава е Емил Рубен актер при Македонскиот народен театар. Одлуката на Комисијата за доделување на наградата, на прес конференција ја соопшти актерот Александар Ѓоргиев, член на комисијата.
Комисијата во која покрај Ѓоргиев членуваат актерот Зоран Љутков и театарскиот критичар Тодор Кузманов одлучи наградата да му припадне на актерот Емил Рубен за неговите успешно остварени улоги во претстави од светската класика блиски до улогите што некогаш ги толкуваше доајенот на македонскиот театар Петре Прличко. Емил Рубен 35 години успешно работи на македонската театарска сцена. Од 1971 година настапува на сцената на Македонскиот народен театар. Зад себе има голем број успешни улоги меѓу кои во претставите „Ревизор“, “Сомнително лице“, „Глембаеви“, „Антигона“.
Во предлогот за наградата доставен од Македонскиот народен театар е потенцирана одговорната вредна и пластична изведба на Рубен во улогата на Жика во претставата „Сомнително лице“. Покрај на театарската сцена Емил Рубен има остварено успешни филмски улоги. Градоначалникот Аце Коцевски, на прес конференцијата посветена на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ потенцираше дека наградата е востановена во соработка помеѓу Општина Велес, Здружението на драмски уметници на Македонија „Џинот“ и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“. Наградата се состои од плакета со ликот на Петре Прличко и паричен износ. Како што беше речено на прес конференцијата, основоположниците на наградата дополнително ќе го утврдат датумот, начинот на свеченото доделување и театарската претстава која ќе биде изведена во чест на актерот Емил Рубен.