Прес конференција на градоначалникот (14.01.2008)

Поранешниот Центар за детско творештво ќе стане современа библиотека

Прес конференција на градоначалникотНа првата редовна прес-конференција годинава, Градоначалникот Аце Коцевски изрази длабоко сочувство до семејствата на трагично загинатите припадници на АРМ  во хеликоптерската несреќа што на 12-ти јануари се случи во близина на катлановско Блаце.
Tој упати и благодарност до Владата на Република Македонија која со одлука го предаде во сопственост на општината објектот на поранешниот Центар за детско творештво. „Сега можеме да ги реализираме идеите и плановите со што Велес ќе добие современа библиотека со читална и медиотека, а реконструкцијата на салата во објектот ќе придонесе граѓаните на Велес во соодветен простор да следат различни културни манифестации“, рече меѓу другото Коцевски.


Тој ги извести новинарите и за одлуката на академик Томе Серафимовски, во годината на Рацин, на Општина Велес да и подари скултура на Рацин која би била сместена во родната куќа на поетот. Академик Серафимовски ќе подари и две бронзени скулптури за општините Другово и Кичево кои со посебен пиетет го негуваат ликот и делото на Рацин.

На средбата со новинарите, Коцевски изрази задоволство од стапката на полнење на општинскиот буџет во 2007 година која изнесува 94,50% без самофинансирачките активности.  Стапката кај тековно-оперативниот или основниот буџет изнесува 90,08%. На 31 декември минатата година, информираше градоначалникот, пренесени се средства во висина од над 15 милиони  денари.

Градоначалникот ги информираше новинарите и за текот на активностите за отстранување на времените објекти на подрачјето на општината. Изразувајќи задоволство од динамиката на активностите, тој потенцираше дека засега само двајца сопственици на времени објекти лоцирани во близина на трговскиот центар не се придржуваат до договореното пред новогодишните празници и дека во овој случај ќе бидат преземени мерки согласно законот.

Тој јавно ја прифати иницијативата на невладините организации членки на Зелената коалиција со општината и навести измени и дополнувања на Генералниот урбанистички план со кои од индустриска, локацијата на која се наоѓа топилницата би се пренаменила во зона за живеење.

Коцевски позитивно го оцени организираниот дочек на Новата Година кој овојпат се издвои по масовноста, изборот на естрадните ѕвезди и незаборавниот огномет. „Тоа не поттикнува уште повеќе да вложиме во организирање на дочекот на наредната година“, изјави градоначалникот.