Успешна соработка со Светска Банка

Лого на Светска банкаГрадоначалникот Аце Коцевски оствари работна средба со претставникот на Светска Банка, госпоѓа Џејн Ермитејџ, директор за Македонија, Југоисточна Европа, Европа, Азија и регионот. На средбата беа разгледани досегашните резултати во процесот на децентрализација како и предизвиците со кои се соочува Општина Велес.

Во врска со оваа значајна средба, градоначалникот Аце Коцевски ги информираше новинарите за три претстојни проекти во соработка со Светска Банка:

Првиот во висина од 17 милиони евра односно 25 милиони долари. Станува збор за кредити кои ќе се доделуваат на општините со каматна стапка од 5%, грејс период од 5 години и рок на отплата 15 години. Општините ќе можат да конкурираат со проекти за подобрување на животот на граѓаните. Се очекува Владата на Собранието да му предложи Закон за задолжување на Македонија кај Светска Банка, а средствата би биле ефективни за општините некаде во октомври.

Вториот проект се однесува на  изградба на локални и регионални патишта. Вкупното задолжување на Македонија би било околу 70 милиони евра . 35 милиони евра ќе бидат наменети за реконструкција на регионални патишта, а 35 милиони во вид на грантовски средства ќе бидат наменети за локалните патишта во општините. Општина Велес ќе конкурира со проекти за   патот од Тунелот до Новите гробишта кај Раштани, за изградба на пат од Бузалково кон Сливник, Рлевци и Бреза и реконструкција на патот од Мамутчево до Иванковци. Овие средства би биле ефективни есента оваа година.

Во третиот проект Општина Велес е една од 10-те селектирани во државата.  Проектот ќе овозможи  изработка на стратегија за реформа во комуналниот сектор во општините во Република Македонија. На подготовка на стратегијата ќе работи странски конзорциум, а од   македонска страна е вклучен МЦМС.
 
(28.01.2008)