Средба на Градоначалникот со пратениците
„ Доколку се изнајдат финансиски средства од други извори може да се размислува за алтернативи, во спротивно продажбата на објектот во кој во моментов е сместена библиотеката останува единствена опција за реализација на планот за отворање на современа библиотека во објектот на поранешниот Центар за детско творештво“, изјави градоначалникот Аце Коцевски по средбата со пратенците Илија Димовски и Горан Петров.
Со став дека на Велес му е потребна современа библиотека со медиотека и читална, тој најави дека и по оваа средбата нема да ја повлече предлог- одлуката за продажба на недвижна ствар за која Советот треба да расправа на претстојната 61 седница.
Средбата која по иницијатива на пратениците се одржа во општината, Коцевски ја оцени како конструктивна и отворена можност за размена на аргументи и размислувања за повеќе прашања значајни за иднината на Велес. Во врска со продажбата на објектот во кој е сместена библиотеката, пратениците имаат спротивно мислење и сметаат дека не треба да се избрзува со продажбата на имот на општината. Сепак тие за медиумите немаа конкретен предлог за изнаоѓање на средства на друг начин со цел Велес да добие современа библиотека. На средбата стана збор и за иницијативата на Зелената коалиција за дислокација на топилницата. Градоначалникот Аце Коцевски како член на Зелената Коалиција останува децидно на ставот дека здравјето на Велешани е примарно пред било каков профит.
Пратениците Димовски и Петров сметаат дека Зелената коалиција претставува само определена група и дека прашањето за иднината на топилницата треба да опфати што поголем број граѓани бидејќи се работи за иднината на 55.000 жители. „Многу е лесно да се има личен став. Ставот на Одговорниот политичар треба да се однесува на ставот на 50.000 граѓани“, рече Димовски.
Според пратеникот Горан Петров во случајот топилница нема спротиставени страни, но во јавна дебата треба да се спротистават аргументите и да се види што е тоа што оди во прилог или против рестартот на топилницата.
Градоначалникот и пратениците најавија почести средби во иднина.
Градоначалникот и пратениците најавија почести средби во иднина.
(29.01.2008)