Велес ќе добие современа библиотека

ImageНа 61-та седница Советот на Општина Велес усвои Одлука за продажба на недвижна ствар, објект во сопственост на општина Велес во кој во моментов работи библиотеката „Гоце Делчев“. Одлуката на Советот овозможи реализација на планот за преселба на библиотеката во објектот на поранешниот Центар за детско творештво.
Образложувајќи го предлогот за донесување на одлуката, градоначалникот Аце Коцевски напомена дека со ваков чекор, Велес конечно ќе добие современа библиотека, со медиотека, читална и одделенија кои ќе работат според стандардите за библиотечно работење.
 
Исто така, со оваа одлука ќе се овозможи реконструкција на салата во поранешниот Центар за детско творештво со што Велес ќе добие соодветен простор за реализација на значајни културни настани. Како што беше речено на седницата, современата библиотека ќе создаде соодветни услови и за студентите на дисперзираните студии во Велес чиј број постојано расте.

Почетната цена на објектот во сопственост на општината, лоциран во централното градско подрачје е 16.500.000 денари. Станува збор за простор со површина од 181м? и помошна просторија од 26 м?. Средствата од продажбата на објектот ќе се искористат за уредување  и опремување на новата библиотека и реконструкција на салата за културни настани.