Наместо празни зборови работа во интерес на граѓаните
Градоначалникот Аце Коцевски во изјава за медиумите со индигнација и како што рече, целосна одговорност ги демантираше грубите бескурпулозни лаги изречени на прес конференција на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ. „Одлуката за продажба на библиотеката е донесена на седница на Совет, а во комисијата за продажба има и членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Продажбата ќе се врши по пат на јавно наддавање и можат да учествуваат сите граѓани. Нема никаква вистина во информациите дека градоначалникот склучува тајни договори за продажба на објектот. Единствен интерес на општината е објектот да се продаде по што повисока цена што значи современа библиотека и сала за културни настани за граѓаните на Велес“, рече Коцевски кој укажа дека за такви груби и неаргументирани обвинувања може да поднесе тужба,а доколку го добие спорот средствата би ги донирал во хуманитарни цели.
Во врска со обвинувањата околу задолжувањето на општината градоначалникот потенцираше дека е груба лага дека општината ќе се задолжи со 2 милиони евра. „Одлуката за задолжување што ја донесе Советот се однесува на 74 милиони денари (1.203.000.000 евра) и во тие средства влегува и каматата. Огранокот на ВМРО-ДПМНЕ од незнаење или неупатеност се спротивставува на политиката на сопствената Влада. Затоа што и Владата на Република Македонија се задолжи кај Светска Банка со 280 милиони долари. Задолжувањето е нормален процес во демократските држави. Општина Велес прва во Македонија ги исполни условите за задолжување. Тажно е кога некој го девалвира успехот што е успех на сите граѓани само заради политика. Тоа доволно говори за степенот на политичко знаење и култура“, рече градоначалникот.
Коцевски ги демантираше и обвинувањата во врска со неговите активности за заштита на здравјето на Велешани. „Да потсетам дека уште во екот на изборите во 2005 година кога заради мојот став можев да изгубам гласови, цврсто застанав зад приматот на здравјето на Велешани. Истиот став го имам и денес. Здравјето на граѓаните е пред било каков профит. Празните обвинувања воопшто не држат“, рече Коцевски кој на огранокот на ВМРО-ДПМНЕ му порача наместо да вежбаат избори да се посветат на решавање на проблемите на граѓаните како што тоа го прави Општина Велес.
„До изборите има многу време и само со работа, а не со празни зборови може да се придонесе за поубав живот на Велешани.
Се надевам дека еден ден ќе сватат што значи да се зборува и работи за интересот на граѓаните“.