Акцијата Ден на дрвото во Велес

ImageГраѓанската акција „ Ден на дрвото-засади ја својата иднина“ ги освои велешани. Акцијата што ја иницираше група граѓани на чело со еминентниот уметник Борис Трајанов има необична и благородна цел. На 12 март годинава, во Македонија да се засадат 2 милиони садници или за секој жител на државава по една нова садница. Иницијаторите на акцијата ги презентираа претстојните активности пред граѓаните на Велес.


Во поздравното обраќање, градоначалникот Аце Коцевски укажа на значењето на акцијата за велешани. „Овој град на идеи, напредок и авангарда, за жал е осуден повеќе од три децении да се бори за уставното и основното човеково право на здрава животна средина.

Image Засаденото дрво затоа е нова надеж, нов поттик да издржиме докрај во таа борба и од еколошки црна точка на Балканот, Велес да го направиме посакувано место за живеење со примена на највисоките еколошки стандарди“. Заштитно лице на акцијата покрај Борис Трајанов е популарниот „Цацко“ од К-15, Бубо Каров. Тој ги развесели велешани порачувајќи им „Знаевме дека во Македонија има многу дрва, да се обидеме од сите тие дрва да направиме една шума“. Акцијата ја поздрави и градоначалникот на Општина Чашка, Стојан Маневски кој го потенцираше значењето на граѓанското учество во ревитализацијата на животната средина. Симболично во знак на почетокот на акцијата, во кругот на општинската зграда беа засадени 8 млади садници. На 12 март, Денот на дрвото, во Општина Велес ќе бидат насадени 70.000 садници.

Image

(01.02.2008)