Работна посета на премиерот во Велес
„Спроведувањето на процесот на децентрализација во Велес може да биде пример за другите општини во Македонија. Ова не е само наша констатација туку и став на другите градоначалници и меѓународната заедница“ изјави д-р. Владо Бучковски, претседател на Владата на Република Македонија при неговата посета на Велес.
Во рамките на работната посета, Премиерот Бучковски и Министерот за економија Фатмир Бесими остварија средба со Градоначалникот Аце Коцевски на која им беа презентирани сите клучни проблеми, прашања и предизвици со кои се соочува Општина Велес. Во рамките на средбата, премиерот се заложи за решавање на проблемите во сферата на инфраструктурниот развој, децентрализацијата, образованието,културата, социјалните прашања и локалниот економски развој.
Градоначалникот Аце Коцевски најави дека во оваа насока, во наредниот период општината ќе изготви детални информации за клучните проблеми меѓу кои трајното санирање на свлечиштето Рамина, изградбата на социјалните станови, изградбата на патот Велес-Прилеп, доизградбата на кејот на реката Вардар, изградбата на Новата Театарска зграда и можностите за развој на индустриска зона кои ќе бидат доставени до кабинетот на премиерот Бучковски.
Во рамките на посетата, премиерот и министерот за економија остварија и работна средба со дваесетина стопанственици од Велес на која беа разгледани сите тековни проблеми со кои се соочува бизнис секторот.
По пропаѓањето на стратешките индустриски капацитети, според д-р Бучковски, развојот на малите и средните претпријатија треба да биде начело во развојот на стопанството и решавањето на проблемот со невработеноста во Велес.
Престојот во Велес високата делегација го искористи и за посета на фирмите „Жито Вардар„, „Динамо Хит“ и Винарската визба при АД „Лозар“ во стечај која по две години, повторно беше отворена со интервенција на Владата со цел да се создадат услови за откуп на грозјето.