Питијада 2008
Поттикната од врвното задоволство за гурманите, надалеку познатата велешка пита, по четврти пат во Велес победи хуманоста. Под мотото „И насмевката лекува“, во организација на Општина Велес и Фондацијата „Фокус“, во ресторанот „Снупи“ се одржа манифестaцијата „Велешка питијада“.
Годинава на манифестацијата учествуваа велешките угостители „Боем“, „Олимпик Ас“, „Снупи“, „Тивка ноќ“, „Мацо Скорпион“, хотелите „Вила Зора„ и „Романтик“, „Бурекџилница Цеце“, кафе „Гламур“, групацијата „Жива“ и највештата жена Борка Андовска.
На велешани во акцијата на хумноста посветена на Детското одделение во велешката болница им се придружија пицеријата „Нецко“ од Штип како и винариите „Вила Марија“, „Николов“, „Ровињ“ и Винарската визба „Тиквеш“ од Кавадарци.
Признанието „Пита мајстор“ за 2008 година и припадна на пицеријата „Снупи“, второто место го освои хотел „Вила Зора“, а третото „Бурекџилница Цеце“.
Наградите на најуспешните им ги врачи градоначалникот Аце Коцевски кој изрази јавна благодарност за сите угостители, организации и поединци кои со учеството на манифестацијата ја покажаа својата хуманост. За Детското одделение при велешката болница беа собрани вкупно 35.000 денари. Амабасадорот Ерван Фуере, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија не беше во можност да присуствува на манифестацијата, но лично донираше средства за Детското одделение вклучувајќи се во питијадата посветена на хумноста.
(16.02.2008)