„Јас сум од Титов Велес“
Експлицитно страдање. Вака се доживуваше силната емотивна компонента на филмот „Јас сум од Титов Велес“ чија премиера на 25 февруари се случи токму во Велес, во големата сала на општината.
Пред премиерното прикажување на филмот на Теона Стругар Митевска, градоначалникот Аце Коцевски упати благодарност до авторите потенцирајќи дека во изминатиот период „филмот беше амбасадор на Велес низ целиот свет“.
„Ова е извонредна Вечер за нас. Јас го почувствував Велес како свој град“, рече режисерката Теона Стругар Митевска упатувајќи благодарност до велешани за гостољубивоста и поддршката за време на снимањето. Актерката Лабина Митевска која ја игра насловната улога во филмот, на велешани им порача дека и следниот филм ќе го снимаат во Велес. Во преполната сала на Општина Велес, љубителите на филмската уметност беа пренесени во центарот на една тешка транзициона приказна во која емотивниот свет на Афродита (Лабина Митевска) го надвладеа просторот преплетувајќи се со личните трагедии на нејзините сестри Славица (Ана Костовска) и Сафо (Николина Кујача).
За велешани најсилна беше еколошката порака што ова филмско остварување му ја упати на светот. Филмот „Јас сум од Титов Велес“ во продукција на Sisters & brother Mitevski ја освои специјалната награда на жирито на Сараевскиот филмски фестивал, наградата „Сребрена камера 300“ на фестивалот „Манаки“ во Битола, а учествуваше и на престижните филмски фестивали во Торонто и Берлин. Според најавите, филмот ќе учествува уште на 13-на фестивали ширум светот.
Проекциите во големата сала на Општина Велес ќе продолжат во периодот 26-29 февруари, со почеток во 18 и 20 часот. Билетите се во продажба во пицерија „Снупи“, а цената на еден билет е 70 денари.