Пешти посебно место, посебна убавина
Во организација на ЕД „Вила Зора“, на 2-ри март годинава, на локалитот Пешти прогласен за карактеристичен пејсаж, беа презентирани резултатите од проектот „Долен тек на Бабуна и кањон Пешти“. Со проектот поддржан од Глобалниот еколошки фонд и Општина Велес, ЕД „Вила Зора“ го уреди просторот, постави соодветна опрема за туристи: видиковци, клупи, патокази и др.
Целта на проектот е да се овозможи што поголем број посетители од земјава и странство да имаат можност да ги видат раритетните природни убавини и пештерските цркви од ранохристијанскиот период кои Пешти го прават посебно и исклучително место за Велес и Македонија. Во ЕД „Вила Зора“ сметаат дека околу 50 пештери меѓу кои (Макаровец и Маркова Пештера, ретката убавина на река Бабуна, живеалиштата на последните белоглави орли, ретките ендемични видови на флора и фауна како и фосилите од доцниот палеолит, локалитетот Пешти го прават атрактивно место за развој на туризмот и рекреацијата.
Градоначалникот Аце Коцевски најави нови проектни активности за уредување и промоција на локалитетот во рамките на Планот за капитални инвестиции на Општина Велес за перодот 2008-2012 година. Во рамките на проектот беше изработен и промотивен материјал за убавините и значењето на Пешти.
(02.03.2008)