Во борба против социјалната исклученост
Во организација на Општина Велес и Здружението на инвалиди „Шпреса“ од Скопје, на 4-ти март годинава, во просториите на општината се одржа работилница на тема „Младите во борба против социјалната исклученост“.
На работилницата, на која присуствуваа претставници на Советот на Општина Велес, училиштата, Центарот за социјална работа Дневниот центар за лица со посебни потреби и здруженија на граѓани особено внимание беше посветено на прашањето за подигање на јавната свест за проблемите на младите лица со инвалидитет.
Обезбезбедувањето на еднакви можности во процесот на образованието беше посочено како врвен приоритет. Учесниците на работилницата имаа можност да ги слушнат ставовите на Марија Настова, раководител на Сектор во Општина Велес, Елват Мухареми, претседател на ЗИ „Шпреса“, Самир Грбле, дефектолог и Сафета Цуцак, психолог. На работилницата беа посочени сите клучни проблеми во социјализацијата и образованието на младите лица со инвалидитет, на чие надминување ќе се работи во наредниот период.
Настанот беше збогатен со театрската претстава „Гледај во мене“, организирана за учениците од V-VIII одделение. Претставата беше изведена и пред учениците во подрачното училиште во Бузалково.
(04.03.2008)