Општината постапи според законот

Image„Општина Велес ги презеде сите мерки за спроведување на законот во случајот на нелегално поставување на биста на Тодор Александров“, изјави за медиумите Соња Пренџова Јуруковска, раководител на Секторот за урбанизам, комунални работи, сообраќај и заштита на животната средина во Општина Велес.

Јуруковска потенцираше дека веднаш по добивањето на известување од Министерството за внатрешни работи, градежниот инспектор и извршителот ги презеле сите неопходни мерки при што на сопственикот му е издадено решение за отстранување на објектот. Сепак во текот на викендот бистата беше поставена. Јуруковска укажа дека според Законот за општа управна постапка, извршување не може да се изврши во тек на викенд освен ако не се работи за елементарна непогода или објект што го загрозува животот на граѓаните.

„Контролата и надзорот врз основа на Законот за меморијални споменици и спомен обележја“ е надлежност на Министерството за култура. Општината има обврска да подготви Програма и да ја достави до министерството што во случајов е направено“, рече Јуруковска. Таа ги извести новинарите дека во текот на вчерашниот ден сопственикот писмено ја известил општината дека самиот го отстранил објектот што е констатирано и со теренска контрола. Поради тоа фирмата „Делта Инвест“ од Скопје со која општината има склучено договор за услуги за уривање на нелегални објекти денеска не интервенираше на теренот.
 
(05.03.2008)