Масовен одзив на велешани на Денот на дрвото
1100 граѓани, претставници на институции и установи, здруженија на граѓани, спортисти, претставници на МПЦ, членови на Советот на Општина Велес, пратеници во Собранието на РМ и 150 ученици, во месноста Голик во близина на Превалец посадија 60.000 садници. Во организацијата на акцијата што ја подготви ЈП „Македонски шуми“ се вклучија Општина Велес со Територијалната единица за противпожарна заштита, ЈКП „Дервен“ и Општинската организација на Црвениот крст кои на теренот ги координираа активностите.
Акцијата за пошумување стана вистински зелен ден за Велес. Многу граѓани трпеливо чекаа на организираниот автобуски превоз за да стигнат на Голик и да засадат садница. Свој придонес во озеленувањето на околината на градот дадоа и градоначалникот Аце Коцевски и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија Михо Михов кои заедно со граѓаните посадија садници поздравувајќи ја акцијата „Ден на дрвото“. Голик со заеднички сили е оплеменет со багрем, јасен, јавор и црн бор. Ќе треба да се почека на резултатите. Но, судејќи според ентузијазмот, енергијата на учесниците и убавото време, од Денот на дрвото се изгледа поубаво, посвежо и еднакво со природата.