СПОРТСКА ПРОЛЕТ ВО ВЕЛЕС

ImageПо цели 11 години, Велес повторно ќе биде домаќин на меѓународни спортски натпревари во рамките на едно првенство. На 21 март петок, во салата „Парк-спорт“ ќе се одиграат натпреварите од второто коло на Балканското првенство во ракомет за сениори. На прес конференцијата посветена на овој значаен спортски настан, градоначалникот Аце Коцевски во името на Општина Велес како генерален покровител на натпреварите изрази надеж дека ова е почетокот на новиот спортски дух на Велес.

„Очекуваме ако го положиме тестот за овие натпревари, во наредниот период да ни биде дадена довербата и за организирање на други важни натпревари во Република Македонија, пред се мислам на натпреварите за трофејот на Македонија што треба да се одржат во мај годинава со учество на ракометните репрезентации на Бразил, Египет, Словенија, Словачка, БиХ, Србија и Македонија, Светското младинско првенство во ракомет за жени, што ќе се одржи кон крајот на јули и почетокот на август годинава и претстојното Европско сениорско првенство во ракомет за жени во декември годинава“. Во соработка со ЈП „Парк-спорт“ општината инвестираше во активности за реновирање на спортската сала. Трибините се офарбани, а туш кабините и соблекувалните соодветно адаптирани за натпреварите.

На средбата со новинарите претседателот на РК „Борец“ Васил Нановски ги презентираше деталите од организацијата на натпреварите. „Во петок, 21 март со почеток во 17:45 часот ќе се одигра натпреварот помеѓу ракометните репрезентации на Македонија и Србија. Во 19:45 ќе се сретнат екипите на Босна и Херцеговина и Турција. Македонската телевизија ќе врши директен пренос на натпреварите. Цената на билетот е 80 денари. Велешани имаат несекојдневна шанса да следат врвни спортски натпревари како некогаш кога Велес беше центар на спортските случувања. Да се надеваме дека ова е вистинска пролет за велешкиот и македонскиот спорт.