Албанска паралелка во Велес
Градоначалникот Аце Коцевски на прес конфренција оцени дека иницијативата за отворање на албански паралелки е покрената непосредно пред објавувањето на конкурсот за запишување на ученици и без да се направат потребните анализи.
„Таа е кампањска, нестручна, неодговорна и непедагошка иницијатива која на површина изнесе два крупни проблеми со кои се соочи Македонија како земја во транзиција. Фактот што политичките влади на Македонија не се конструираат врз основа на програми или заеднички платформи, туку врз основа на збир на интереси на партиите и фактот што министрите во Владата поголема лојалност чувствуваат кон својот партиски лидер отколку кон претседателот на Владата. Затоа на површина излегоа внатрешните несогласувања помеѓу министерот и државниот секретар што резултираше со оставки на 12-те членови на Комисијата за распишување на конкурсот“, рече Коцевски.
Тој ги информираше новинарите дека на територијата на општината, осмо одделение на албански мајчин јазик завршуваат вкупно 31 ученик, додека на територијата на Општина Чашка опфатена со регионалната Велешка гимназија се вкупно 32-ца ученици. Во општина Градско не се изведува настава на албански јазик во основното образование. Според Коцевски никој не направил анкета за да утврди дали секој од овие 63 ученика сака да го продолжи средното образование токму во гиманзија или претпочита стручно средно образование. Од 901 ученик во велешката гимназија, 9 се ученици кои посетуваат настава на албански јазик. Градоначалникот најави интензивни контакти со Државниот секретар во Министерството за образование и наука со цел да се надминат состојбите. „Сите ученици имаат право настава да посетуваат на својот мајчин јазик. Сепак, затоа се неопходни и соодветни услови“, рече меѓу другото Коцевски.
(03.04.2008)