ЛИКОТ НА ПОЕТОТ
Портретот на најголемиот меѓу живите и мртвите поети, Кочо Рацин, во димензии допирливи за окото на секој намерник го украси центарот на Велес. Во рамките на одбележувањето на Годината на Рацин, цртежот на фасадата во центарот на градот го изработија членови на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Портретот на Рацин го красат и моќните стихови на вечната песна „Копачите“. Општината го разубави просторот под портретот на поетот во уште едно пријатно урбано катче. Промоцијата со стихови ја збогатија велешките поети и членовите на Литературниот клуб „Кочо Рацин“, а со звуците на Велес, чалгијата на „Распеани Велешани“.
Во чест на големиот јубилеј, Фондацијата Рамковски ја промовираше книгата „Македонското прашање и балканскиот сојуз“ од бугарскиот политичар, премиер и академик Александар Цанков, во издание на „Матица“. Книгата ја промовираа претседателот и потпретседателот на Фондацијата, Георги Барбаровски и Гоце Ристевски кои ја потенцираа нејзината актуелност и обjективна слика за Балканот и македонското прашање. „Балканските држави Бугарија и Србија, особено Грција, не водат разумна политика спрема Македонија“. Тоа е јасно како бел ден и нема потреба да докажувам дека тие се стремат целосно да ја присоединат Македонија или да ја разделат помеѓу себе“.- пишува меѓу другото Цанков. „Кога некој зборува вистина, тогаш таа е дофатлива“, гласеше пораката на Фондацијата до велешани кои покажаа интерес за објективната мисла на Цанков кој бил прогонуван, па дури и осуден на смрт за ваквите размисли, а неговото дело било забрането за јавноста.
Во чест на Рационовиот јубилеј, Народниот музеј од Велес промовираше трајна поставка на дела од Ѓорги Зографски и Томо Владимирски.
(22.04.2008)