Наградена работата на Фондацијата Фокус
Фондацијата за локална демократија и развој „Фокус“ ја доби престижната годишна Награда за филантропија во категоријата граѓански организации. Наградата за првпат годинава е востановена како иницијатива на Центарот за институционален развој.
Наградата е дел од Програмата за филантропија во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество финансиран од УСАИД.
Фондацијата Фокус го сврте вниманието на јавноста со опсежната акција „Насмевка во пижами“ чија цел беше да се создадат соодветни услови за престој на децата во велешката болница. Проектот што го поддржа и Општина Велес вклучи голем број хуманитарни акции и активности.
Наградата за филантропија се доделува во вкупно 4 категории. Покрај фондацијата Фокус, добитници на наградата се Трифун Костовски за индивидуална филантропија, „Тетекс“ АД Тетово во категорија голема национална компанија и „Кенди“ ДООЕЛ –Скопје во категорија мали и средни претпријатија. Наградите свечено им беа врачени на добитниците на 22 април, во Скопје.
(22.04.2008)