ИСТОЧЕН ПЕТОК БАЛАКЛИЈА
Велешани и годинава масовно го прославија празникот Источен петок Балаклија кога традиционално се чествуваат светите води. Општина Велес и овојпат по повод празникот кој се одбележува во манастирот Св. Димитрија, за граѓаните организираше пригодна културно-уметничка програма во чии рамки настапија Даниела Темелковска и групата Медиум.
Илјадници граѓани присуствуваа на чествувањето на светите води палејќи свеќи за здравје, среќа и благосостојба. Древниот манастир Св. Димитрија е едно од најзначајните културни наследства на Велес. Изграден во 14-от век, првобитно го носел името Св.Богородица. Легендите велат дека два века бил закопан и сокриен со цел да се заштити од поробувачите на Балканот. Денес го носи името Св. Димитрија. Велешани со векови ја негуваат традицијата на празникот Источен петок Балаклија.
(01.05.2008)