Силна поддршка за здрав живот од Евроамбасадорот Фуере
Во рамките на одбележувањето на 9-ти Мај, Денот на Европа, Ерван Фуере, Шеф на Делегацијата на Европската Комисија и Амбасадор на ЕУ во Република Македонија престојуваше во Велес - град домаќин на централната манифестација за Денот на Европа.
Тој оствари едночасовна средба со градоначалникот Аце Коцевски на која особено внимание беше посветено на прашањето за заштитата на животната средина. Коцевски го потенцираше ставот дека Велешани нема да дозволат топилницата да проработи на истата локација со иста технологија. Амбасадорот Фуере најави силна поддршка за граѓаните на Велес во обезбедувањето на услови за здрав живот и побара редовно да биде известуван за сите состојби со топилницата. „Не смее да се дозволи прекршување на ЕУ стандардите за чисто производство“, рече меѓу другото Фуере.
Тој ги посети штандовите на земјите членки на ЕУ, Делегацијата на Европската Комисија и Општина Велес што креативно ги подготвија учениците од општинските основни и средни училишта и децата од градинката „Димче Мирчев“. Фуере се обрати и на централната манифестација во Младинскиот парк поздравувајќи ги Велешани со силна порака дека секоја индвидуа треба да биде дел од патот кон Европа. Во изјавата за медиумите Фуере напомена дека масовното присуство на граѓаните, нивната желба за здрава животна средина и уредениот парк потврдуваат дека се работи за добро организирана општина што е позитивно за имиџот на земјата во процесот на евроинтеграција.
Присутните ги поздрави и градоначалникот Аце Коцевски кој упати благодарност до Амбасадорот Фуере и амбасадорите на земјите членки на ЕУ кои ја поддржаа организацијата на настанот во Велес. „Верувам дека довербата се темели и на европската ориентација на Општина Велес како општина за пример и лидер во реформите во процесот на децентрализација“, рече Коцевски Манифестацијата по повод Денот на Европа беше збогатена со пригодна културно уметничка програма на која настапија Хорот при ООУ „Васил Главинов“, Оркестар „Али Баба“, Ноне Неделковска, Елвир Мехиќ и Ристо Самарџиев.