Централна манифестација по повод 9-ти Ноември

ImageВо свечена атмосфера, во реновираната сала на Општина Велес, се одржа Свечена седница на која Градоначалникот Аце Коцевски ги додели Деветоноемвриските награди.
Наградата за животно дело „Гемиџии“ на Македонка Јанчевска, писател за деца и Васил Тоциновски, писател и историчар на литература. Наградата Спомен плакета 9-ти Ноември им беше доделена на актерот Васил Зафирчев, скулпторот Ангел Коруновски, ДПП „Алена“, ракометната легенда Ѓорги Гајдов (постхумно). Наградата Благодарница 9-ти Ноември му беше доделена на д-р Коста Балабанов, Почесен конзул на Јапонија во Република Македонија. Пофалница 9-ти Ноември добија еколошката групација „Грин Пауер“, балетското студио „Анабела“, фотографот Љубе Манушев, Канцеларијата за еднакви можности меѓу мажите и жените, каратистот Дејан Цветковски и естрадните уметници Ноне Неделковска и Дејан Попов.

Во своето обраќање во рамките на свечената седница , Градоначалникот Аце Коцевски ги презентираше сите резултати што во својата работа Општина Велес ги постигна во текот на изминатат година и најави нови амбициозни проекти. Коцевски изрази задоволство што сите проекти и активности најавени на минатогодишната деветоноемвриска свеченост денес се остварени. „Не треба да заборавиме дека успехот не го раѓаат празни зборови, бескрајни вербални докажувања и нереални ветувања. Сигурниот чекор кон Европа бара многу повеќе од тоа: пред се професионалност, посветеност, чесност и многу, многу работа
Само така можат да се остварат конкретни резулати во развојот на локалната заедница и државата. Велес е она што сме ние, затоа од секој од нас зависи неговата иднина. Личното однесување, личниот пад или успех е вграден во сликата на Велес“, рече помеѓу другото Градоначалникот Аце Коцевски.

Image

Свечената седница беше збогатена со настапот на градскиот црковен хор „Св. Великомаченик Пантелејмон“., а во чест на добитниците настапија актерите при Тетарот за деца и младинци од Скопје кои изведоа колаж од претставите „Ѕвезден коктел“ и „Македонска приказна“.

ImageОдбележувањето на празникот беше збогатено и со отворање на ликовната изложба „Папрадишки Мајстори“ во ликовниот салон. Изложбата беше посветена на Првата меѓународна сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки Мајстори“ што од 22 септември до 01 октомври се одржа во село Папрадиште. На изложбата се поместени делата што на колонијата ги создадоа вкупно 14 сликари и копаничари од Македонија, Србија и Црна Гора, Англија, Бугарија и Северен Кипар.

Круна на централните свечености беше гостувањето на Народниот Тетар од Ниш, Србија и Црна Гора чиј ансамбл пред преполната сала во Народниот Театар ЈХК „Џинот“ ја изведе претствата „Зона Замфирова“.