Одбележан Денот на пожарникарите
Со смотра и показна вежба, Територијалната противпожарна единица на Општина Велес го одбележа 20 -ти Мај, Денот на пожарникарството во Република Македонија. На свеченоста присуствуваа претставници на Советот на Општина Велес, Меѓународната асоцијација на Лајонс клубовите, претставници на проектот Операција Флориан од Велика Британија, ФИООМ, Министерствата за внатрешни работи и одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и медиумите. Во името на граѓаните на Велес, празникот на велешките пожарникари им го честиташе градоначалникот Аце Коцевски.
„Поради сите ризици што со себе ги носи оваа специфична професија, пожарникарите треба да ни бидат значајни секој ден, а подобрувањето на условите за работа постојан предизвик“,рече меѓу другото Коцевски кој упати благодарност до пожарникарите, но и меѓународните претставници за донациите и поддршката. Во чест на денот, градоначалникот на вработените во ТППЕ Велес симболично им го предаде заштитниот знак на Општина Велес- афионова чушка.
Во името на донаторот Лајонс Клубовите на Македонија и Велика Британија, присутните ги поздрави Небојша Давидовски гувернер на Дистриктот 132 (Македонија) на Меѓународната асоцијација на Лајонс клубовите кој најави интензивирање на соработката и отворање на локален Лајонс клуб во Велес. Во името на Операција Флориан присутните ги поздрави Гари Хигсон кој се заблагодари за гостољубивоста на велешките пожарникари. Годинава показната вежба во чест на 20 мај, пожарникарите ја изведоа со донираното противпожарно возило и опрема во рамките на Операција Флориан.
(20.05.2008)