Јавен протест на градоначалникот за политизацијата на изградбата на театарот

Image На прес конеференција, градоначалникот Аце коцевски јавно изрази протест за свеченото поставување на камен темелник на новата театарска зграда за политички цели. „За да бидам правилно разбран, би сакал да упатам најпрвин благодарност до Владата на Република Македонија за тоа што го направи за разлика од сите претходни влади и за првпат во Буџетот на Република Македонија, иако скромни 14 милиони денари, предвиде ставка за изградба на театрска зграда во Велес. Јас се гордеам со ансамблот на велешкиот театар и лично сметам дека е еден од најдобрите театарски ансамбли во Република Македонија.
Протестирам затоа што мене како граѓанин на Велес и како градоначалник како и на голем број граѓани на Велес кои не се членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ или кои се партиски неопределени ни беше оневозможено достоинствено да присуствуваме на церемонијата за поставување на камен темелник за изградба на новата театарска зграда затоа што целата таа манифестација како што тоа се случи и со хидросистемот „Лисиче“ и со Рамина доби сосем поинаква политичка димензија.

Не знам зошто толку им се брзаше, зошто не почекаа да заврши изборната кампања, па сето тоа да се направеше достоинствено, така како што му прилега на Велес кој секогаш во историјата бил најавангарден град во Република Македонија. Разочаран сум од управата на театарот во Велес и од актерите и вработените затоа што немаа доблест да се спротивстават и да не дозволат театарот да биде злоупотребен во изборни цели. Верувам како што некогаш славниот Нушиќ ги исмејувал ваквите состојби и ерозиите на моралните вредности дека некој современ Нушиќ ќе го исмејува и тоа што се случуваше во Велес и што се случува секој ден секаде во Македонија каде што се поставуваат камен темелници“. Своите ставови градоначалникот ги аргументираше со информаците дека камен темелникот на театарот е поставен на 3 метри поголема висина од местото каде треба да се наоѓа вистинскиот темел на објектот и дека за изградба се обезбедени скромни 14 милиони денари што е недоволно да се дојде и до прва плоча. Исто така тој им презентираше на новинарите покани што Унијата на Млади сили на ВМРО –ДПМНЕ ги дистрибуирала во поштенските сандачиња на граѓаните да присуствуваат на поставувањето на камен темелникот. „Нам сите устата ни е полна со Европа, но она што го прават политичарите, е сосем спротивно од вообичаените европски правила. На ваков начин не се оди во Европа.“ рече Коцевски.
Image