Познати добитниците на Рациновите признанија
Жирито за доделување на наградата “Рациново признание” за 2008 година, во состав: д-р Венко Андоновски, претседател, академик Гане Тодоровски и Петре Бакевски, членови одлучи Рациновото признание за 2008 година да му се додели на писателот Луан Старова, за неговиот роман „Потрага по Елен Лејбовиц“, издание на Матица Македонска од Скопје, 2008 година.
Одлуката во конкуренција на 8 автори, престижното признание да го добие Луан Старова на прес конференција ја соопшти претседателот на Жири Комисијата, д-р Венко Андоновски. Образложувајќи ја одлуката, Андоновски потенцираше дека романот Потрага по Елен Лејбовиц на Луан Старова е дело испишано од вешта, мајсторска прозна рака, под парадигмата на епистоларарниот роман, што му дава жива, возбудлива, интимна жица и го прави исклучително читлив. „Романот на Старова е најдобра можна прослава на онаа “трета станица на литературата” односно – конечната цел на секоја естетика на рецепцијата – неговото Височество Читателот, кој во наше доба има поголема улога во оформувањето на конечното уметничко дело“, рече Андоновски.
Градоначалникот Аце Коцевски ја соопшти Одлуката за доделување на Почесното Рациново признание за 2008 година на професор Иван Доровски, основач на катедрата за македонски јазик на на Масариковиот универзитет во Брно-Чешка, шеф на катедрата за Балканистика, добитник на Орден за заслуги на Македонија. „Рацин е најголемиот македонски поет на сите времиња и ние сме должни да му оддадеме достојна и незизмерна почит“, рече Коцевски кој ја презентираше програмата на 45-те јубилејни Рацинови средби кои ќе се одржат од 11-13 јуни во Велес. Градоначалникот Коцевски ги покани граѓаните и сите љубители на литературата со своето масовно присуство да му оддадат почит на Кочо Рацин.
На прес конференцијата за Симпозиумот „Рацин и Богомилството“ што како еден од најзначајните настани ќе се одржи на 12 јуни, новинарите ги информираше д-р Кристина Николовска, раководител на симпозиумот. „Ние се обраќаме на најголемото културолошко сонце на Македонија-Рацин, филозоф, визонер, основоположник на македонската публицистичка мисла и културолошка наука“, рече Николовска со очекување дека таква синергија на минатото и иднината може да донесе одлични резултати. На симпозиумот ќе учествуваат 15 Рационолози од Македонија и странство.
(04.06.2008)