Средба на градоначалникот Коцевски со претставник на Стејт Департментот
Гејлин Меклан, претставник на Стејт Департментот на САД оствари официјална средба со градоначалникот Аце Коцевски на која беа разменети мислења околу напредокот на процесот на децентрализација, реализацијата на успешните проекти со кои Општина Велес прерасна во општина за пример во Република Македонија и приоритетите во реформата во локалната самоуправа.
„Клучен проблем со кој се соочуваат општините е неможноста да располагаат со градежното земјиште во интерес на локалниот економски развој“ потенцираше на средбата Коцевски.
Тој напомена дека во периодот што следи од големо значење ќе биде решавањето на проблемот со надлежноста над градежното земјиште што во моментов го кочи локалниот економски развој како и проширувањето на надлежностите во областа на примарната здравствена заштита, социјалната заштита и издавањето на лични документи по примерот на развиените земји. На средбата, Гејлин Меклејн покажа интерес за начините на ширење на добрите практики од Велес во други општини во Македонија, регионалниот развој и еколошките проблеми со топилницата. Градоначалникот Коцевски упати благодарност за поддршката што Соединетите американски држави преку УСАИД и Амбасадата на САД во Република Македонија континуирано и ја даваат на Општина Велес во процесот на децентрализација. При престојот во Велес, Меклан ја разгледа салата за електронско одвивање на седниците на советот, салата за комуникација со јавноста, Општинскиот образовен портал и Граѓанскиот сервис центар.
(06.06.2008)