Еден ќе мора да си оди
Зелената коалиција одлучи со јавни протести да каже НЕ за рестартот на топилницата на истата локалција и со постојната технологија. На прес конференција што се одржа во Општина Велес, Игор Смилев, член на коалицијата од редовите на ЕГ „Грин Пауер“ топилницата ја нарече „Најдобар сликар на мртва природа“.
„Го повикувам сиот слободоумен свет кој не е обременет со политиканство и политика туку го сака својот град, да излезе на протестот“.На прес конференцијата на која присуствуваше и градоначалникот Аце Коцевски – член на Зелената коалиција, активностите ги најави Ангелче Гушев од Извидничкиот одред „Димитар Влахов“.
Под мотото „Еден ќе мора да си оди“ активностите на Зелената коалиција започнуваат на 9-ти јуни (понеделник), во 20 часот, со музички хепенинг во Младинскиот парк. Протестот ќе се одржи на 10-ти јуни (вторник), со почеток во 19 часот, на плоштадот Сармаале каде ќе се обратат членовите на Зелената коалиција. Оттаму учесниците на протестот ќе направат мирен марш до топилницата (по улицата „Алексо Демниевски“). Во 19.45 симболично пред капијата на топилницата ќе бидат запалени свеќи и пуштени црни балони.
Соња Гаврилова од Друштвото на родители за грижа за здраво поколение ја потенцираше можноста за превентивни активности. „Денес се соочуваме со санација на последиците. Децата родени со конгенитални аномалии ќе ги носат цел живот, но денес имаме можност да кажеме НЕ во име на сите идни поколенија“, рече Гаврилова. Активностите на Зелената Коалиција против рестартот на топилницата се организираат во пресрет на 17 јуни кога е најавено отворање на понудите на тендерот за продажба на топилницата. Протестите се поддржани од МЦМС и голем број еколошки здруженија и организации од државава.
(09.06.2008)