Рацин заслужува многу повеќе

ImageВелес живее со Рацин. Јубилејното 45-то издание на Рациновите средби уште еднаш ја нагласува димензијата на Рацин во историјата и културата на македонскиот народ. Во чест на поетот над поетите, на 11-ти јуни, делегации на Општина Велес, семејството на Рацин, Ерван Фуере шеф на Делегацијата на Европската Комисија и Амбасадор на ЕУ во Република Македонија, МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија, Сојузот на борците и многу други организации, институции и граѓани положија букети цвеќе во Спомен костурницата каде почива гордоста на Велес, пред неговиот споменик во центарот на градот и пред споменикот во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“.

ImageImage
 
ImageImage
 
45-то издание на Рациновите средби го отвори градоначалникот Аце Коцевски кој ја потенцираше потребата оваа значајна културна манифестација да се издигне на национално ниво. „Придонесот на Рацин во втемелувањето на современата македонска литература е незаменлив и непроценлив. Тој е еден од стожерите на македонската нација, ентитет без кој не би опстојала ниту една нација на светот.Во ова време невреме, во нашата предолга и мачна транзиција, во време на ерозија на моралните вредности, македонските првенци мора да се замислат и да направат многу повеќе Рациновите средби како и Струшките вечери на поезијата да бидат најважен културен настан во земјата“, рече Коцевски. На несериозниот пристап на државата во својата беседа реагираше и академик Георги Старделов, претседател на МАНУ.
 
ImageImage

„Несериозно од претставниците на државата е да не се појават на ваков голем јубилеј кога одбележуваме 100 години од раѓањето и 65 години од смртта на Кочо Рацин. Има личности во секоја национална култура кои со своето дело даваат белег на цела една епоха, станувајќи личности на епохата. Таква личност во историјата на македонската литература е Коста Солев Рацин, чиј јубилеј го обележуваме како Рациново столетие или како столетие на Рациновата песна. По тој повод годинава ни се случува навистина ден на деновите, ни се случува голем и редок празник“, порача академик Старделов. Амбасадорот Фуере во изјава за медиумите порача дека Владата треба да ја издигне оваа манифестација на национално ниво во интерес на идните генерации на Македонија.
 
Image

На традиционалниот Поетски митинг, дваесет поети од шест балкански земји, во чест на Рацин рецитираа стихови од својата поезија.
 
Почетокот на 45-то јубилејно издание на Рациновите средби го збогатија хорот „Мирче Ацев“ и маестро Борис Трајанов.
 
 
(11.06.2008)