Грст научни одблесоци во чест на Рацин
По пет години пауза, во Велес за првпат се одржа симпозиум на тема што го предизвика вниманието на македонската научна јавност. Симпозиумот „Рацин и Богомилството“ што Општина Велес го организираше во рамките на 45-те Рацинови средби беше ретка можност од македонските академици и добитниците на Почесното Рациново признание да се слушнат различни размислувања за приодот на Рацин кон концептот на Богомилството како дуалистичко, верско и еретичко движење што го свртело вниманието на Европа.
Нарекувајќи го Рацин „Колосален македонозналец и македонољубец“, академик Гане Тодоровски потенцираше „Преку Богомилството Рацин ја оснажнува македонофилијата во времето. За Стефан Влахов Мицов „Македонските Богомили од Драговитија се наследици на старите источни учења чија основа е теоријата на Заратустра. Според академик Сретен Перовиќ во Рацина се синтетизира здружено дејство на креативната енергија. За него Рацин е правдољубив и слободоумен великан. Зборувајќи за Рацин и Богомилите низ призмата на „Тајната Книга“, проф. Јордан Плевнеш рече “Молчењето, бојкотот на Рацин и начинот на кој тој исчезнува е поврзан со исчезнувањето на Богомилите кои во Франција ги нарекувале „совршени“. И кај рацин се е совршено за да биде чиста литература“. Проф. д-р димитар Пандев говореше за Филозофојазичните теми во расправата за богомилите на Коста Рацин: „Најдалеку оди Коста Рацин: Тој го користи јазикот како израз на психологијата на народот, од глобалното навлегува во локалното“. Проф д-р. Мирољуб Стојановиќ Рацин го нарече „Синоним на поетскиот порив на 20-от век“ Д-р Васил Тоциновски направи споредба на дуалноста кај Богомилите со противречностите во поетиката на Рацин. Проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска зборуваше за есеите на Рацин за Богомилството како „како културолошка медитација во три навраќања.
Симпозиумот остави богатство од мисли посветени на филозовската димензија на Кочо Рацин кои ќе бидат публикувани за јавноста. Најважно од се, симпозиумот потврди дека Рацин е преголема енигма за да се истражи со еден потег и дека допрва ќе биде предизвик за македонската и светската научна јавност.
(12.06.2008)