Билбао 2005

ImageГрадоначалникот на Велес, Аце Коцевски, претставник на Македонија на Вториот Светски самит на градови и локални власти за информатичко општество

На покана на Програмата за развој на Обединетите Нации и УСАИД, Аце Коцевски, Градоначалник на Општина Велес учествуваше на Вториот Светски самит на градови и локални власти за информатичко општество, што од 10 до 11 ноември, се одржа во Билбао, Шпанија како единствен претставник од Македонија.
На Самитот кој се одржа во Конгресниот центар во Билбао, во организација на Владата на Баскија , Институтот за обука и истражување при Обединетите Нации-УНИТАР како и ЦИФАЛ програмата за децентрализиран развој, присуствуваа околу 2000 претставници на држави, локални власти, мултилатерални организации, невладини организации и претставници на бизнис секторот од доменот на информатичката технологија од целиот свет.
Целта на Светскиот Самит за информатичко општество согласно со Резолуцијата 56/183 на Обединетите Нации е „Да се развие заедничка визија и разбирање во информатичкото општество, да се одобрат и имплементираат Декларацијата и акциониот план со кој во иднина треба да се раководат властите, меѓународните институции и сите сектори на граѓанското општество“.

Image

Самитот во Билбао всушност е вовед во втората фаза на Светскиот Самит за информатичко општество (Првата фаза се одржа во Лион во 2003 година), кој ќе се одржи од 16-18 Ноември во Тунис и каде ќе бидат пренесени сите заклучоци од Билбао во интерес на развојот на информатичко општество како придобивка за сите граѓани на светот.
Со своја презентација на тема „Предностите на концептот на е-власт во процесот на децентрализација“, Градоначалникот Аце Коцевски учествуваше на една од вкупно 15 работилници во рамките на Самитот, посветена на развојот на е-администрација и е-демократија. Притоа, Коцевски ги презентираше досегашните искуства на Општина Велес во доменот на имплементација на информатичко комуникациската технологија како општина за пример во Македонија како и стратешките заложби за развој на информатичкото општество.
Градоначалникот на Велес изрази особено задоволство од најавата на неговата презентација во Билбао, под Уставното име на Република Македонија.
„Учеството на општина Велес на овој значаен светски настан не е само чест за нас, туку и отворена можност активно да се вклучиме во глобалната мрежа на локалните власти „IT for all“, со што уште повеќе ќе придонесеме во развојот на информатичкото општество како сретство за поттикнување на економскиот развој“, рече Коцевски.
Активно учествувајќи во подготовката на Декларацијата и Акциониот План од Билбао, локалните лидери од светот упатија единствена порака: “Информатичкото општество треба да биде право на сите граѓани на светот, без исклучоци, без маргинализација, дигитални и социјални поделби“.