Еднакви можности за децата Роми
Да се овозможат еднакви услови за образование на децата од ромската заедница, да се подобрат нивните резултати во наставата се само дел од целите на проектот „Еднакви можности за децата Роми“ кој се спроведува во ООУ „Благој Кирков“. Досегашните активности во проектот финансиран од ФИООМ и Амбасадата на Кралството Холандија се разгледуваа на работилницата што на 23 јуни се одржа во просториите на Општина Велес.
Во училиштето “Благој Кирков“ каде учат најголем број од учениците од ромската заедница во Велес опремени се две училници и обезбедена е компјутерска и друга техничка опрема неопходна за реализација на проектот. Во училиштето се обезбедени и учебници како и ужина за децата. Според анализите, реализацијата на проектот веќе дава позитивни ефекти што е потврдено со зголемениот интерес на децата да посетуваат настава. Еден од најголемите предизвици во проектот што се спроведува веќе две години е јакнењето на свеста на родителите за придобивките од образованието во животот на децата. Проектот „Еднакви можности за децата Роми“ во голема мера придонесува за остварување на развојните цели на Општина Велес во сферата на образованието: еднакво и квалитетно образование за сите ученици во Велес.
(23.06.2008)