Cтартува Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2008
Трајко Бабунски, претседател на Организациониот одбор на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“, на прес конференција ја презентираше програмата на петтото издание на фестивалот. Фестивалот ќе се реализира во 4 фестивалски вечери – од 26-29 јуни, на истата локација – Амфитеатар во Младинскиот парк или во случај на лоши временски услови, во спортската сала на ЈП „Парк Спорт“.
Бабунски најави дека благодарејќи на соработката што Општина Велес и Организациониот одбор на фестивалот ја остварија со КУД „Мирче Ацев“, КУД „Македонка“ од Охрид и Балканскиот фолклорен фестивал од Охрид, на овогодинешниот фестивал гостуваат 6 странски ансамбли: од Костарика, Полска, Унгарија, Србија, Хрватска и Турција“. Гости од Македонија се КУД „Мирче Ацев“ од Скопје и Српско-македонското друштво „Срма“ од Битола. Фестивалот ќе започне на 26 јуни (четврток), во 19:30 часот, со традиционалното дефиле на фолклорните ансамбли кои од ООУ „Васил Главинов“ ќе продефилираат низ велешките улици „Благој Ѓорев“, „Маршал Тито“ и „Алексо Демниевски“. Свеченото отворање е во 20:30 часот. Фестивалот е финансиран од Буџетот на општината и Амбасадата на Кралството Холандија. И покрај меѓународниот карактер, Министерството за култура не го поддржа.
(26.06.2008)