По петти пат - Велес ги распламти фолклорните традиции
На 29 јули, во амфитеатарот во Младинскиот парк со уште еден сплет на традиционалните ора и песни на народите заврши петтото издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2008. За љубителите на фолклорот кои сите четири фестивалски вечери го исполнуваа амфитетарот во Младинскиот парк, годинава својата умешност да го пренесат фолклорниот колорит на народите ја претставија фолклорниот ансамбл „Тиера колорадења“ од Костарика, „Елте’ од Унгарија, „Познан“ од Полска, „Завичај“ од Хрватска, „Космај“ од Србија како и македонските ансамбли АКУД „Мирче Ацев“ и Здружението „Чајка“-Скопје, „Срма“-Битола, „Керамичар“„Вила Зора“,„Распеани велешани“ и „Бирлик“-Велес,„Тодор Јанев“- Чашка и „Стоби“-Градско.
Со своето масовно присуство велешани уште еднаш покажаа дека умеат да ги вреднуваат традициите и обичаите на својот народ, но и во космополитскиот дух на Рацин, на сите народи во светот. Можноста на едно место да се видат егзотичните народни танци од далечната Костарика и фолклорниот израз на земјите од Европа и Балканот ги исполни летните ноќи во Велес во несекојдневно и незаборавно доживување. И овој пат најголема придобивка се многу нови пријателства, по некоја нова љубов, ората и песните како гласници на свет во кој нема грници и далечини. Нека биде така и наредната година. Организаторот Општина Велес годинава поддржан и од неколку велешки фирми веќе размислува за нови можности за афирмација на фолклорните ризници на нациите.