Делегација од Косово во посета на Општина Велес

ImageВо периодот од 08-10-ти јули, во студиска посета на Општина Велес престојува делегација на претставници на Министерството за локална самоуправа, градоначалници, членови на општински администрации од Косово и претставници на Светска Банка. Во рамките на посетата градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и вработени во општинската администрација на гостите од Косово им ги презентираа искуствата на Велес во процесот на децентрализација.
 
На прес-конференцијата по повод посетата градоначалникот Коцевски изрази задоволство што во рамките на проект финансиран од Светска Банка, Општина Велес има можност да ги презентира своите достигнувања. „Ова е големо признание за општината. Првпат се случува македонска општина, во случајов Велес да биде домаќин на студиска делегација од друга земја“, рече меѓу другото Коцевски кој упати јавно добредојде на членовите на делегацијата од Косово.
 
Image 
 
Наим Исмаили, градоначалник на Општина Штимље и претставник на Асоцијацијата на општини на Косово ја нагласи целта на посетата. „Сакаме да придобиеме што повеќе од искуствата на Општина Велес. Посетата произлегува од поранешни контакти, одлуката на Министерството за локална самоуправа како и резултатите што ги добивме од Светска Банка и медиумите за успешните практики во Општина Велес“, рече Исмаили кој го  нагласи значењето на посетата како позитивно искуство за Косово.

Раиф Елези, Заменик Министер за локална самоуправа, во името на Владата на Косово упати јавна благодарност за срдечноста на домаќините. „Косово минува низ процес на реформа на локалната самоуправа кој започна со донесување на неколку закони. Стратешка цел на Косово е да воспоставиме систем на локална самоуправа кој ќе биде во прилог на граѓаните од сите етнички заедници. Целта на посетата во Велес е од нашите најдобри соседи да ги запознаеме искуствата, да го извлечеме она што ни треба и да го примениме во нашите општини“, потенцираше Елези.

При престојот во Велес членовите на делегацијата ќе имаат можност да видат голем број реализирани проекти од областа на информатичката технологија, инфраструктурата, локалниот економски развој, образованието, културата, социјалната заштита соработката со граѓанскиот сектор и комуникацијата со јавноста.
 
(09.07.2008)