Сликарско - копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“
И оваа година од 9 ти до 18 јули, традиционално во село Папрадиште се одржува четвртата меѓународна Сликарско - копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“. Покрај учеството на уметници од градот и Македонија на колонијата гостуваат и уметници од Србија, Бугарија и Словенија.Пред самото отпочнување на колонијата, 18 уметници од земјата и странство имаа можност да ги погледаат бројните знаменитости на градот и да ја посетат родната куќа на најголемиот македонски поет, нашиот Кочо Рацин.
Посакувајќи им топло добредојде, нови пријателства и дружење, градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски ги информираше учесниците за навршувањето на трите големи јубилеи и прогласувањето на 2008-мата година за Година на Рацин. Тој воедно изрази надеж дека токму Рацин ќе претставува творечки поттик за новосоздадени дела.
А, Папрадиште во пресрет на големиот Петровден дише во полн здив. Ова живописно место е извор на енергија и единствена убавина. Претставниците на медиумите кои имаа можност да ја посетат колонијата во Папрадиште беа очевидци на колони возила кои се слеваа кон татковите огништа подзаборавени од урбаното живеење. Се навраќаа на корените на традицијата и празнувањето на селската слава Петровден. Уметниците ги посети и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски кој им посака успешна работа на отворено, плодно творештво и мигови за долго паметење.
На Петровденската средба изворно можеа да се видат делата во изработка и насмеаните лица на уметниците од кои се читаше задоволство.Природа што восхитува, пријателства што ќе останат и македонска кујна што се помни.
Свои впечатоци со претставниците на медиумите споделија и раководителите на колонијата, за групата на академски сликари, Живко Пренџов и раководителот за групата копаничари, Љубомир Бисин. Делата создадени на четвртата по ред Сликарско-копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“ ќе и бидат претставени на јавноста на изложбата што Општина Велес ќе ја организира по повод 9-ти Ноември, денот на Општината.