Детски поетски блесоци во чест на Рацин

ImageВо рамките на 38-то издание на традиционалната манифестација „Детски Рацинови средби“, делегации од Општина Велес, Општинската организација на Сојузот на Борците, Манифестацијата „Рацинови Средби’ како и членови на семејството на Коста Солев Рацин, положија букети цвеќе пред спомениците на поетот во центарот на Велес и пред гимназијата „Кочо Рацин“.

Манифестацијата беше збогатена со промоција на книгата „И децата некогаш ќе пораснат“ од Десанка Николова Кузмановска. Во ОУЦП „Блаже Конески“, книгата ја промовираа писателите Тамара и Томе Арсовски.

Во рамките на манифестацијата, во УСО „Димитрија Чуповски“ се одржа ликовно-вајарска работилница на која учествуваа и ученици од Основното училиште за деца со посебни потреби „Маца Овчарова“.

Децата учесници на манифестацијата од дваесетина училишта од Република Македонија, со нивните наставници и ментори ја посетија спомен-куќата на Кочо Рацин каде имаа можност одблиску да се запознаат со неговиот живот и дело. 38-то издание на манифестацијата „Детски Рацинови средби“ го разубавеа творбите на учениците од велешките училишта чија изложба насловена „Училиштата ви се претставуваат“, свечено беше отворена во ликовната галерија. За значењето на Рацин за новите генерации, говореше г-ѓа Марија Настова, раководител на сектор во Општина Велес која ја отвори изложбата.

Image

Централен настан на првиот ден од манифестацијата беше поетско музичкиот колаж во големата сала на Општина Велес. Во името на манифестацијата, пред присутните се обрати Македонка Јанчевска, претседател на Иницијативниот одбор на Детските Рацинови средби, која помеѓу другото ја поздрави подготвеноста на младите генерации да ги следат патеките на поезијата и творештвото што како завет им ги оставил големиот Рацин. Обраќајќи се по тој повод пред присутните гости и ученици, Аце Коцевски, Градоначалник на Општина Велес им упати порака за иднината. „Велес се гордее со својот Рацин, со неговото дело, со делото на бројните дејци кои на градот и на Македонија и оставиле богата културна ризница. Но, најмногу се гордее со Вас, продолжувачите на неговата мисла, нишката што цврсто го поврзува минатотото, културните и историски вредности со иднината„, рече помеѓу другото Коцевски.

Во рамките на Свеченоста, Градоначалникот на Велес им додели пригодни награди на најуспешните мали поети. Годинава награда Гранд при и беше доделена на Мирна Ќорверзировска, ученичка во VII одделение при ОУ „Песталоци“ од Скопје како најуспешен мал поет. Вкупно беа доделени 10 награди за литературни творби пристигнати на конкурсот. Малите поети ги воодушевија присутните во салата со своите поетски творби. Живко Пренџов, претседател на Друштвото на ликовни уметници од Велес додели пет награди за најуспешни творби на ликовно-вајарската работилница. Настанот беше збогатен со настап на учениците од ОУ „Трајко Андреев“студиото за модерен балет „Црни Мачиња“ и блаетското студио „Анабела“.

Image

Првиот ден од манифестацијата „Детски Рацинови Средби“ заврши со забава на децата учесници која се одржа во ОУЦП „Блаже Конески“.
Оваа традиционална манифестација продолжи со поетски караван низ велешките училишта, посета на ателјето на академскиот сликар Александар Попов-Сашко и литературно читање во Гарнизонот „Алексо Демниевски-Бауман“