Фестивалот на античка драма „Стоби“ 2008 - заврши
Основачот на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“, Општина Велес и Организациониот одбор именуван од Советот на Општината и во завршната вечер на фестивалот ни приредија уживање во театарско светилиште Стоби и уште една ноќ за долго паметење. Синоќа (31.07.2008), со претставата „Бегалка“ во изведба на Народниот театар од Штип, се спушти завесата на VII-то издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“.
На античката сцена на VII Меѓународен фестивал „Стоби“ 2008 во четирите фестивалски вечери, вљубениците на театарската уметност и претставници на дипломатскиот кор имаа можност да ги проследат: претставата „Лисицата и грозјето“ по мотиви од Езоп во изведба на театарот „Город“ од Долгопрудниј - Руска федерација, „Сердарот - За секогаш љубов“ со актерите на Културниот центар „Скрб и Утеха“ и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес, Република Македонија и „Лисистрата“ од Аристофан во изведба на ансамблот на театарот „Кабакчиев“ од Република Бугарија.
Вон конкуренција беше изведен и самостојниот проект на актерот Петре Темелковски „Филип Втори“.
Завршната вечер отпочна со врачување на наградите на најдобрите. Одлуката за наградите ја донесе стручно жири во состав: Јоана Поповска – претседател и Зоја Бузалковска и Ивица Џепаровски, членови. На Фестивалот годинава се доделија 5 награди и тоа:
- За најдобра претстава (grand prix) – беше прогласена претставата „Лисистрата“ на тетарот „Кабакчиев“, Република Бугарија.
- Наградата за најдобра режија ја доби Вадимир Данцигер за истата претстава.
- Наградата за најдобра машка улога ја понесе Атанас Чопов за улогата на Кинезиј во претставата „Лисистрата“
-Наградата за најдобра женска улога и припадна на актерката Петја Јанкова за улогата на Лисистрата во истоимената претстава на тетарот „Кабакчиев“, Република Бугарија.
- Наградата за посебен уметнички израз и припадна на претставата „Лисицата и грозјето“, изведба на театарот „Город“ од Долгопрудниј-Руска федерација,
И оваа година донатор на наградата grand prix е копаничарот Љубомир Бисин.