Младинскиот парк со нов лик
Во интерес на граѓаните на Велес и посетителите, Младинскиот парк наскоро ќе добие нов лик по примерот на развиените европски градови. Проектот за уредување на Младинскиот парк, на прес конференција го презентираше градоначалникот Аце Коцевски.
Паркот ќе добие атрактивна фонатана со водопад кој ќе започнува од улицата Благој Ѓорев и пристапни скали до парковската површина. Целиот амбиент ќе го надополни мало мовче. Во Младинскиот парк ќе бидат поставени две значајни спомен обележја. Патека на знаменитите велешани на која по примерот на Холивуд и Виена ќе бидат испишани имињата и датумите на раѓањето и смртта на великаните на Велес и „Рекоа за Рацин“, спомен обележје на кое ќе бидат испишани мисли за Рацин од еминентни македонски интелектуалци како Гане Тодоровски, Блаже Конески, Анте Поповски и Владо Малевски. „ Средствата за уредување на Младинскиот парк се обезбедени од наградата за добро општинско управување во висина од 10.000 долари што на Општина Велес и ја додели ФИООМ, а во соработка со фондацијата Фокус и претставниците на бизнис заедницата од Велес обезбедени се дополнителни средства за реализација на проектот“, изјави Коцевски кој изрази задоволство од интересот на велешките стопанственици да ја поддржат идејата за поубав Велес за сите граѓани. Градоначалникит најави дека доколку работите се одвиваат без проблеми, очекува новиот лик на Младинскиот парк велешани да го добијат во чест на Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми Септември.
(05.08.2008)