Советот на Општина Велес со нов претседател

ImageСлавчо Чадиев, член на Советот на Општина Велес од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е избран за нов претседател на Советот на општината. На 69 седница, мнозинството членови на советот го избраа Чадиев за нов претседател откако Трајко Бабунски, досегашниот претседател на советот си поднесе оставка. „Промената на претседателот или доаѓањето на Власт на ВМРО ДПМНЕ во Велес не ја сваќам како пораз.

Нас граѓаните не избраа на локалните избори и затоа и понатаму со нив ќе се залагаме за почитување на законите. Со преминувањето од една во друга коалиција, одделни членови на советот го прекршија етичкиот кодекс“ изјави за медиумите Бабунски.
 
Новоизбраниот претседател Славчо Чадиев одлуките од 69 седница ги дефинираше како крај на блокадата во советот: „Ќе ги интензивираме седниците.  Проблемите кои се наоѓаат во програмите и  што можеме да ги решиме како особено значајни за граѓаните ќе ги ставиме на дневен ред. Тоа значи интензивна работа на советот во наредниот период“.

Славчо Чадиев, по професија е дефектолог –сурдоаудиолог, а член на советот на општината е со почетокот на мандатот од 2005 година.