Сеуште неисполнети условите за настава на албански јазик
И покрај тоа што велешката гимназија ги исполни обврските и распиша конкурс за запишување во прва година на учениците кои учат на албански јазик, Министерството за образование и наука сеуште не ги исполнило обврските да обезбеди соодветен кадар за настава на албански јазик. Со цел да се решат сите проблеми пред почетокот на учебната година, градоначалникот Аце Коцевски побара средба со Министерот за образование и наука Перо Стојановски.
Средбата ја иницираат и родителите на учениците запишани во гимназијата „Кочо Рацин“ кои се загрижени за образованието на своите деца. Во писмото упатено до министерот на 1-ви август годинава, Коцевски ја презентира и фактичката ситуација во Општина Велес. „Во единственото основно училиште во кое наставата се изведува на албански јазик во селото Бузалково од вкупно 20 наставника 7 се со несоодветно образование, а 5 наставата ја изведуваат на македонски јазик. Од овие причини само 6 наставника се со статус на вработени на неопределено време. Ова покажува дека во Општина Велес има недостиг на кадар за изведување предметна настава на албански јазик“, се вели меѓу другото во писмото. Од министерството сеуште нема одговор.
(11.08.2008)