Реконструкција на библиотеката во полн ек

ImageВелешани ќе добијат современа библиотека со читални за деца и возрасни, роднокрајно одделение, медиотека и игротека. Градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција го презентираше проектот за реконструкција на зградата на поранешниот ЦДТ „Ѓоре Органџиев“ во која е во тек преселбата на локалната библиотека.


„Од 182 м2 со колку што располагаше библиотеката во реконструираниот простор љубителите на книгата и вработените добија корисен простор од 430 м2 само на катот “, рече Коцевски кој ги информираше новинарите дека велешани ќе добијат и репрезентативна повеќенамеска сала која ќе биде најсовремено уредена и опремена со светлосен мост и друга техничка опрема со електронско управување. Салата со површина од 268 м2 ќе има 220 седишта. Во внатрешноста на објектот ќе биде поставен лифт за инвалидизирани лица.

Реконструкцијата на објектот е во тек и веќе се сместени 100.000 книги. Претставниците на средствата за јавно информирање имаа можност да ја посетат библиотеката и на лице место да го видат текот на реконструкцијата и преселбата на библиотеката.

Реконструкцијата се реализира со средствата од продажбата на просторот на досегашната библиотека, но потребни се дополнителни средства за финализирање на проектот.

Градоначалникот Аце Коцевски упати апел до членовите на советот на општината на претстојната седница што ќе се одржи на 13 август да ги поддржат измените на Програмата за уредување на градежно земјиште со што проектот ќе овозможи и изградба на пристапна рампа за инвалидизирани лица и пополочување на улицата која минува покрај објектот и ги поврзува улиците „Благој Ѓорев“ и „Алексо Демниевски“.

ImageImage

ImageImage

 (12.08.2008)