Взаемно решение за стартот на паралелката на албански наставен јазик

ImageМинистерот за образование и наука Перо Стојановски, на 13 август оствари работна посета на Општина Велес со приоритетна цел да се изнајде прифатливо решение за навремено започнување со работа на паралелката на албански наставен јазик во велешката гимназија. На состанокот кој се одржа во гимназијата „Кочо Рацин“ присуствуваа  градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, директорката на гимназијата, Стеванка Богоевска, претставници на Училишниот одбор, Наставниот совет,  Советот на родители и родителите на учениците од Бузалково и Јаболчиште за пишани во гимназиската паралелка на албански наставен јазик.
По конструктивната средба, родителите на учениците запишани во паралелката на албански наставен јазик ја прифатија првата понудена опција: Настава на албански јазик за оние предмети за кои со претстојниот конкурс ќе се обезбедат соодветни и компетентни кадри и настава на македонски јазик за оние премети за кои во овој почетен период не можат да се обезбедат компетентни наставници. „Проблемите се решаваат ако има комуникација. Министерството за образование и наука ќе ги преземе сите неопходни и законски дозволени мерки  за обезбедување на кадар за непречена работа на паралелката. Со самото отворање на паралелка на албански наставен јазик се создаваат услови за развој на нови кадри“, изјави за медиумите Министерот Стојановски. „Многу сум задоволен што на денешната средба најдовме заедничко решение. Постигнавме согласност од први септември да започне со работа паралелката на албански наставен јазик за предметите за кои ќе се обезбедат наставници. Ова нека биде пример дека проблемите можат да се решаваат “, рече градоначалникот Коцевски. Родителите апелираа до министерот што побрзо да се создадат услови за зголемување на бројот на компетентни лица со соодветно образование  кои наставата ќе можат да ја изведуваат на албански јазик.

Во рамките на работната посета Министерот Стојановски оствари средба и со директорите на основните и средните училишта на која во присуство на градоначалникот и надлежните служби во општината беа разгледани сите актуелни прашања од сферата на образованието.
Потенцирајќи дека во наредниот период министерството ќе се фокусира и на децентрализацијата во образованието, Министерот Стојановски најави дека еднаш месечно ќе остварува средби со градоначалниците и директорите на училиштата во општините со цел транспарентноста во областа на образованието да се стави во функција на развојот. Меѓу другото, тој најави интензивни обуки за наставниот кадар во областа на компјутерската технологија и примената на стандарди за оценување.
(13.08.2008)