Незаборавно доживување

ImageСимон Трпчески концертираше во Велес

Давајќи им нов чудесен призвук на сликите на Дебиси: „рефлексија во водата, Движења, Златни рипки“, маестро Трпчески ги остави Велешани без здив. Во преполната сала на Општина Велес, неговиот концерт беше доживеан како несекојдневно искуство, можност да се доживее и да се почувствува еден редок и моќен талент што Македонија има среќа да го нарече македонски. Настапот на Трпчески беше круна на манифестацијата „Велес, град на културата“. Околу 250 присутни гости во салата, настапот на еден од наголемите светски пијанисти го дочека со громогласни аплаузи и овации. Најчестите коментари на присутната публика по настапот на Трпчески беа „нема зборови што ќе го опишат моментот кога Симон создава на пијано“. Покрај неговата маестрална изведба на сликите на Дебиси, Симон на Велешани им го подари своето доживување на Јоханес Брамс и Скрјабин. Посебен подарок беше неговата незаборавна изведба на старите македонски народни звуци на „Пајдушкото“ виртуозно пресоздадени на пијано. Воодушевената публика три пати го враќаше маестро Трпчески на бис. На прес конференцијата што му претходеше на концертот Симон Трпчески изрази задоволство за можноста да настапи пред Велешката публика. „Настапите во Македонија се должат на мојата лична желба“, рече Трпчески кој уште еднаш укажа дека Македонија може да направи многу повеќе за своите уметници.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, му се заблагодари на Симон Трпчевски што ја прифати поканата да се претстави и пред велешката публика и му посака многу успех на претстојното деби со Лондонската филхармонија што во рамките на „Интернационалните пијано серии“ ќе се одржи во декември, во Queen Elizabeth Hall, во Лондон. Големиот пијанист што во 2004 година со настапот во Лондон со Шкотскиот Камерен Оркестар се вивна во светската музичка елита, а во октомври годинава ја восхити американската и светската јавност со Њујоршката филхармонија.

Пред новиот предизвик во Лондон, Трпчески и подари дел од себе си на велешката публика. Тоа беше ноќ за паметење. Ни остави незаборавни звуци и желба повторно да му се восхитуваме на чудесниот талент на младиот македонски виртуоз.