Решение за проблемите со безбедноста на Железен мост
Поради се поголемиот ризик за граѓаните кои секојдневно поминуваат по Железен мост, Општина Велес во соработка со ЈП „Македонски железници“ подготви проект за решавање на проблемот. Проектот за адаптација на Железен мост на пругата Велес-Кочани, на прес конференцијата што се одржа на 3 септември годинава го презентираше градоначалникот Аце Коцевски. Проектот предвидува изградба на пешачки мост во должина од 244 метри и 12 метри пристап. Пешачкиот мост ќе има приоди од двете страни, а ќе биде со корисна површина во ширина од 1,80м.
Средствата за реализација на проектот чија цел е да ја зголеми безбедноста на граѓаните при преминувањето на Вардар во овој дел од градот се предвидени во Буџетот на општината. Како што најави Коцевски се очекува проектот да се реализира до крајот на годинава. За проектант на овој значаен инфраструктурен зафат е избран Проф д-р. Симеон Танев.
(03.09.2008)