Велес со европски лик
Младинскиот парк се претвори во еден од најатрактивните простори во Македонија. Новиот Европски лик на паркот посветен на младоста, Велешани за првпат го видоа на 8-ми Септември, Денот на Независноста на Република Македонија. „Тоа е подарок за велешани за денот на независноста и истовремено израз на нов европски Велес.“ изјави за медиумите Градоначалникот Аце Коцевски.
Импозантната фонтана со размер 34 на 24 метри, со водопад, водоскоци, мала рекичка и мост измами воздишки на восхит од илјадниците граѓани што празничната вечер ја посветија на своето ново омилено урбано катче. Дека овој простор оживеа во миг во омилен дел од градот за велешани покажаа и нивните искрени извици на воодушевување и заедоволство. Долго во празничната ноќ Младинскиот парк беше преполн со граѓани. Новиот лик на велешката младост и иднина е уште поголем и позначаен затоа што е израз на првото поголемо јавно-приватно партнерство. Покрај средствата од Признанието за добро управување што Општина Велес го доби од ФИООМ, во реконструкцијата на Младинскиот парк се вложени и средства од Буџетот согласно утврдената програма и она што е најважно средства од голем број фирми што дадоа огромна поддршка на проектот. Денот на независноста на Република Македонија беше одбележан и со пригодна културно-уметничка програма со учество на велешките културно уметнички друштва, ансамблите на староградска песна од Велес, Радовиш, Струмица и Валандово и музичките ѕвезди Сузана Гавазова, со Виртус бенд и Александра Пилева.