Фехим Хусковиќ - самостојна изложба

Image
 
Во четврток 11.09.2008 год. во 20 часот во Ликовниот салон  во Велес ќе биде отворена самостојна изложба на слики, графики и цртежи на ликовниот уметник  проф. др. Фехим Хусковиќ

Авторот  роден е во  Оризари - Велешко 1967  год. Дипломирал на Факултет за ликовни уметности, отсек графика и постдипломски студии, а докторирал на  Софискиот универзитет за ликовни уметности.

Професор е на Академијата за ликовни уметности во Скопје.

Хусковиќ има реализирано над 50 самостојни изложби во земјава и странство, а учествувал на  преку 400 групни излоби и над 60  колонии. Добитник е на 20 меѓународни награди од областа на сликарството, графика и цртеж.

Широкиот дијапазон на ликовни техники дополнително го вознемирува окото и ве остава немирни додека го гледате неговиот опус.  На изложбата ќе се претстави со  четири издвоени целини. Цртеж со колористична сензација и без неа, динамичен, линеарно чист, лиричен, асоцијативен. Во основа изразноста ја сведува во насока на пејзажот како комплементарен сооднос на сета природа околу. Некаде тој е јасен и доволно асоцијативен, граден со напластување на структура и боја која е на моменти густа и покривна, за подоцна да премине во лирична и транспарентна, поддржана од линеарен колористичен цртеж кој преминува во импресионистичко доживување од кратки силно обоени допири од четка врз претходно изградена подлога. Просторот на пејзажот, од ликовно чиста валерска поставеност, преминува кон структура која е студена и стаклено искршена површина отсутна од живиот предел, потхранета од она што пејзажот го остава по годишниот циклус небаре тој преминал во друга состојба која во себе ја има карактеристиката на вечност (сува гранка, карпа, камен, цвет израснат во малку земја, ветер и сонце – апсорбиран и единствен во целиот предел на сликата). Третата издвоена целина го нема просторниот ефект и како да го изгубила пејзажот, како да преминала во чисто енформелистичко градење на површините или нивно доведување во заемен контакт и визуелен сооднос кој ја гради целата слика. Во овој дел од сликарството кај Фехим се забележува силното експериментирање со материјалите и содржината на сликата. Од колористичното доживување до прашањето на формата или цртежот таа има за цел да премине понатаму кон ново истражување и ликовно искажување.

Хусковиќ во Ликовниот салон ќе се престави со четириесетина  дела.