Нов предизвик во храмот на уметноста

ImageЛиковниот салон на 11 септември годинава беше претесен да ги собере сите љубители на ликовната уметност. Самостојната изложба на слики, графики и цртежи на проф. др. Фехим Хусковиќ привлече голем интерес не само во Велес, туку и пошироко во Македонија. Како што пред присутните изјави самиот уметник, неговата педесета јубилејна изложба е повеќе од значајна за него, затоа што во Велес не организирал изложба од далечната 1992 година и затоа што Велес има посебно место во неговиот живот и творештво.


Изложбата ја отвори директорот на Народниот музеј во Велес, Спасе Перовски кој потенцираше дека суштината на избраните дела на Хусковиќ е комуникацијата и релацијата на семката и пејсажот, креирањето на структура која на специфичен начин се однесува со пејсажот и природата. Изложбата на Хусковиќ е композиција од четири целини преку кои Хусковиќ комуницира со публиката користејќи ја изразноста  на колоритот. Авторот успеа да го закова вниманието на љубителите на уметноста со поетиката во слевањето и транспарентноста на формите кои ја одразуваат екстремната динамика на неговото творештво: 400 создадени дела само во период од една година.

Авторот  роден е во  Оризари - Велешко 1967  год. Дипломирал на Факултет за ликовни уметности, отсек графика и постдипломски студии, а докторирал на  Софискиот универзитет за ликовни уметности.Хусковиќ има реализирано 50 самостојни изложби во земјава и странство, а учествувал на  преку 400 групни изложби и над 60  колонии.
 
Добитник е на 20 меѓународни награди од областа на сликарството, графика и цртеж.

ImageImage