Советот неподготвен да се грижи за граѓаните

Image„Страшно е тоа што му се случува на Велес: долги, јалови, бесполезни, маратонски седници. Неподготвени, со жестоки меѓусебни обвинувања и препукувања. Граѓаните на Велес не заслужуваат ваква работа на Советот на Општината, ниту пак Општина Велес која како општина за пример и лидер во децентрализацијата доживеа ова да и се случува. Советот е неподготвен да се грижи за проблемите на граѓаните.
 
Воден е само од тесно партиски интереси“, изјави на прес конференција Градоначалникот Аце Коцевски. Тој им порача на членовите на советот да се заложат за нормално функционирање. Со ваква работа, рече градоначалникот членовите на советот покажаа дека не работат  за она за што го избраа граѓаните на Велес. Коцевски изрази разочарување од упорното инсистирање на мнозинството во советот за смена на членовите на управните и училишните одбори. Пред новинарите, тој укажа на прекршувањето на законските одредби поради што најави дека ќе донесе акт за необјавување на спорните одлуки.

ImageВо врска со одлуките за подигање на спомен обележја на знаменитите велешани, „Рекоа за Рацин“ како и спомен обележје за бранителите од конфликтот во 2001 година градоначалникот напомена дека ако им е проблем на мнозинството во советот што тој е предлагач  ќе се повлече. „Тие нека бидат предлагачи ако е тоа проблемот. Жал ми е што не беа подготвени да ги донесат овие значајни одлуки“, рече  Коцевски.

Состобите во советот ги вжешти маратонската 71 седница на која по втор пат членовите на советот не успеаја да го исцрпат дневниот ред.
 
(16.09.2008)