Градоначалникот Коцевски во Данска
На покана од Арто Лухтала, директор на проектот на ЕУ „Поддршка на процесот на децентрализација“ што Европската агенција за реконструкција го спроведува во 36 општини во Република Македонија, градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, од 23 до 27 септември престојува на студиско патување во Данска. Во рамките на студиското патување ќе биде разгледан системот на локалната самоуправа во Данска, особено испораката на услуги кон граѓаните и локалниот развој.
Ова е особено значаен проект за Општина Велес бидејќи велешкиот Граѓански сервис центар е земен како модел во проектот чија цел е да се отворат и опремат 36 унифицирани, функционални граѓански сервис центри во општините во Македонија. Крајна цел на проектот кој се одвива во две компоненти е да ја зголеми ефикасноста, ефективноста и квалитетот на услугите на општините кон граѓаните и да придонесе за одржлив развој на локалната заедница. Искуствата од Данска ќе помогнат на патот кон достигнување на највисоките европски стандарди за квалитет на услугите во јавната администрација.
(24.09.2008)